Корисничко име Лозинка Пријави се
23.3.2013

Македонија играше, Белгија победи

Македонската фудбалска репрезентација е поразена од Белгија со 0-2 иако одигра одличен натпревар против големиот фаворит.

Избраниците на Чедомир Јаневски одлично го почнаа натпреварот и во првите минути имаа две одлични шанси преку Јаховиќ и Тричковски да ја доведат Македонија во водство. По почетната иницијатива, Белгијците за преземаа играта, по што Кевин де Бруин во 26 минута продре по левата страна и се ослободи од Лазевски, го прати Пачовски на погрешна страна и погоди за водство од 1-0.
Нашите репрезентативци се обидоа брзо да го израмнат резултатот, но Пандев и Ибраими, а и Тричковски не успеаја да го совладаат одличниот Куртоа.
Во второто полувреме влеговме порезервирано. Во 60 минута Ибраими по една контра го проигра Тричковски кој шутна од 15-ина метри, но топката удри во еден дефанзивец на Белгија и белгискиот голман немаше проблеми.
По оваа шанса и периодот во кој бевме рамноправни, Белгијците изведоа една полу-контра, Лазевски го собори Еден Азар во шеснаесетникот, по што германскиот судија со турско потекло, Ајтекин, покажа на белата точка.
Еден Азар, ладнокрвно и во манир на голем стрелец го совлада Пачовски и во 61 минута го постави конечниот резултат.
До крајот нашите репрезентативци не се предадоа иако беше јасно дека поквалитетниот противник ќе ги однесе бодовите од Скопје. Ибраими по еден пробив биеше откосо, но ја погоди мрежата од надворешната страна, а Ивановски, кој влезе во игра на Јаховиќ, падна во шеснаесетникот по една убава акција, но судијата место пенал, му покажа жолт картон на нашиот напаѓач.
До крајот се обидувавме да постигнеме барем почесен гол и Пандев ја имаше последната шанса, но Куртоа го одбрани неговиот удар.
Со оваа победа, Белгија остана на првото место во групата А, заедно со Хрватска, која во големото балканско дерби во Загреб со ист резултат ја победи Србија. Велс ја победи Шкотска на гости и со шест бодови е на третата позиција, а Србија и Македонија се на четвртата, односно петтата позиција со четири бодови. Последна е Шкотска, со два бода.
Нашите репрезентативци во вторник во Брисел повторно ќе играат против Белгија.

Најнови вести