Корисничко име Лозинка Пријави се
22.3.2013

Македонија со нов имиџ по изненадување против Белгија

Македонската фудбалска репрезентација вечерва го игра петтиот натпревар од Групата А во квалификациите за Светското првенство во 2014 против големиот фаворит Белгија.

Охрабрени по последните одлични настапи, македонската репрезентација со нов имиџ и нов оптимизам вечерва на Националната арена „Филип II“ ќе го пречека големиот фаворит, Белгија.
„Рисовите“ на Чедомир Јанковски во одлична атмосфера и со полна самодоверба по победите над Србија (1-0), Словенија (3-2) и Данска (3-0) вечерва (20:45 час) пред полните трибини на нашиот најголем стадион ќе ги пречекаат белгиските ѕвезди.
Еден Азар, Маруан Фелаини, Кевин Миралас, Даниел Ван Бајтен, Кристијан Бентеке, Ромелу Лукаку се дел од репрезентацијата вредна околу 300 милиони евра, втора најскапа репрезентација која гостува во Скопје.
Македонија ги има Горан Пандев, Агим Ибраими, Иван Тричковски, Николче Новески и одличен дух и атмосфера која се гради откако репрезентацијата ја презема Чедомир Јаневски кој внесе новини во играта, залагање за националниот дрес и нова самодоверба.
Македонските „рисови“ во последните месеци се промовираа во нов тим, предводен од Пандев и Ибраими, кој игра храбро, со срце и ум. Тоа го видовме по првата победа над Србија во квалификациите, како и по одличните контроли со Словенија и Данска.
Сепак, сега ни гостува силната Белгија, предводена од легендата на белгискиот фудбал, Марк Вилмотс, кој е претпазлив пред вечерашниот дуел:
„Убедени сме во своите квалитети, веруваме дека можеме да дојдеме до победа и за тоа сме тука. Но, нема да биде некој проблем и ако не дојдеме до три бода, затоа што тоа нема да промени ништо во амбициите и шансите за првото место во групата“, истакна Вилмотс на средбата со новинарите.
Македонскиот селектор, Чеде Јаневски, знае дека ова е исклучително тежок натпревар:
„Добро ја анализиравме Белгија. Нема потреба да се нагласува за каков тим составен од врвни ѕвезди се работи. Располагаат со повеќе од 20 екстра фудбалери на секоја позиција и сигурно нè чека тежок натпревар. Но, ние добро знаеме и за нашите квалитети. Максимално се подготвуваме и верувам ќе имаме сили уште еднаш да ја израдуваме нашата јавност “,изјави Јаневски.
Сè е подготвено за спектакл вечерва на „Филип II“ и нова одлична претстава на нашите репрезентативци кои поддржани од навивачите можат да направат сензација и да се вратат во игра за едно од првите две места на табелата во групата А. Натпреварот ќе го суди германскиот судија Денис Ајтекин.
Во другите натпревари од нашата група, Хрватска во големото дерби, кое е нешто повеќе од обичен фудбалски натпревар, во Загреб во 18 часот ја пречекува Србија, а Шкотска игра со Велс во Глазгов.

Нашата репрезентација во вторник во Брисел го игра возвратниот дуел со Белгија.

Квалификации за СП во Бразил 2014

Група А - 5. коло

18 ч ХРВАТСКА - СРБИЈА (Загреб)
20:45 ч МАКЕДОНИЈА - БЕЛГИЈА (Скопје)
21 ч ШКОТСКА - ВЕЛС (Глазгов)

ТАБЕЛА
1. БЕЛГИЈА 4 3 1 0 8:1 10
2. ХРВАТСКА 4 3 1 0 6:2 10
3. СРБИЈА 4 1 1 2 6:5 4
4. МАКЕДОНИЈА 4 1 1 2 3:4 4
5. ВЕЛС 4 1 0 3 3:11 3
6. ШКОТСКА 4 0 2 2 2:5 2

6. коло (26.03.2013)
20:30 ч СРБИЈА - ШКОТСКА (Нови Сад)
20:45 ч БЕЛГИЈА - МАКЕДОНИЈА (Брисел)
20:45 ч ВЕЛС - ХРВАТСКА (Свонси)

Најнови вести