Корисничко име Лозинка Пријави се
01.7.2011

Нуно Гомеш потпиша за Брага

Поранешниот португалски репрезентативец, триесет и четиригодишниот Нуно Гомеш потпиша едногодишен договор со Брага.

Гомеш играше за Бенфика од Лисабон во периодот од 1997 до 2000 година, па од 2002 година до крајот на минатата сезона, додека во меѓувреме две сезони настапуваше за Фиорентина, а кариерата ја почна во Боависта.
За Бенфика одигра вкупно 318 натпревари во кои постигна 129 голови, а минатата сезона главно седеше на клупата.
Во португалската репрезентација тој е четврти стрелец на сите времиња со дваесет и девет гола, колку што ги постигна во седумдесет и седум настапи.
Бенфика не сакаше да му го продолжи договорот, туку му понуди да остане во клубот во некоја друга улога. На Гомеш тоа не му одговараше, бидејќи сакаше да ја продолжи играчката кариера „барем на уште една сезона“.
Таа желба засега му се оствари со потпишувањето на договорот со Брага, која минатата сезона играше во финалето во Лигата на Европа.
„За нашиот клуб доаѓањето на Гомеш, фудбалер со такво минато и таков имиџ, е одлична вест“, изјави претседателот на Брага, Антонио Салвадор.

Најнови вести