09.11.2012 На Хартс му се заканува судбината на Глазгов ренџерс
Неколку месеци после исфрлањето на Глазгов ренџерс во третата шкотска лига, слична судбина му се заканува и на клубот од Единбург, Хартс.
Хартс должи 450.000 фунти данок, а Даночната управа му дала рок до крајот на месецот да ги уплати парите или клубот ќе оди во стечај. Хартс им се обрати на навивачите:
„Купувањето на што поголем број влезници за следниот меч на стадионот ’Тајнкасл’ е неопходно ако не сакаме натпреварот со Сент Мирен на 17 ноември да биде последен во клупската историја. Не блефираме, не шириме паника, опасноста е реална, нашиот клуб се бори за живот“, се вели во соопштението.
Минатата година даночната управа на сличен начин покрена процес кој се заврши со гасење на гигантот Глазгов ренџерс и основање на нов клуб кој одново почна во четвртиот ранг на шкотскиот фудбал.
Хартс се соочува со слична ситуација, ако прогласи банкрот, ќе му бидат одземени 17 бодови и тоа значи сигурно испаѓање затоа што досега имаат собрано 12 бодови и се на десеттото место на табелата од 12 клубови.
За клубот од „Тајнкасл“ ова е веќе четврта сезона по ред во која се соочува со задоцнето плаќање данок. Хартс седум години е во сопствеништво на литванската фирма Укио Банкас и на Владимир Романов, кој е сопственик и на Каунас, повеќекратниот литвански шампион, како и на кошаркарскиот клуб Жалгирис (до неодамна беше сопственик и на белорускиот Партизан од Минск).