17.10.2012 Ибраими за прва победа на Македонија над Србија!
Селекторот на Македонија, Чеде Јаневски, направи дури седум измени во составот кој во петокот загуби од Хрватска. Со подобра и похрабра игра, македонските репрезентативци со голот на Ибраими од пенал ја остварија првата победа во квалификациите за Светското првенство во Бразил во 2014 година.
Во четвртиот натпревар од групата А Македонија стигна до првата победа, што е и воопшто прва победа над нашиот северен сосед. Македонскиот состав, кој беше без најдобриот играч Горан Пандев, кој е суспендиран по жолтиот картон што го доби против Хрватска, и без левиот бек Горан Попов и напаѓачот Стевица Ристиќ, кои не беа во тимот поради недисциплина, со многу помудра игра од мечот пред четири дена, успеа да им парира на фаворизираните Срби, а во голем дел од мечот беше и подобар противник.
Голот за победа падна по една акција во 58-та минута, кога одличниот Агим Ибраими со одлично додавање го пронајде Ферхан Хасани, кој продре во шеснаесетникот на гостите и пред да упати удар, беше соборен од одбранбениот играч на Србија, Ненад Томовиќ, по што холандскиот судија покажа на белата точка и црвен картон за Томовиќ.
Агим Ибраими, нашиот најдобар фудбалер на теренот, сигурно го изведе ударот од 11 метри за воодушевување на дваесет и триилјадната публика на националната арена „Филип II“.
До крајот на натпреварот, Србите со играч помалку не успеаја сериозно да се заканат кон голот на Томе Пачовски, а македонските репрезентативци преку контра напади имаа и неколку шанси да го зголемат водството, но резултатот остана непроменет.
На мечот му претходеа инциденти низ Скопје, кога неколку српски навивачи беа повредени во тепачки, а на трибините пред почетокот имаше и неколку провокации, но со брза интервенција на полицијата ситуацијата беше смирена.
Во останатите мечеви од нашата група, фаворитите Белгија и Хрватска остварија сигурни победи со 2-0 над Шкотска, односно Велс, и се во водство во групата А со 10 бода. Македонија со првата победа дојде до четири бода, колку што има и Србија. Велс е петти со три бода од три меча, а последна е Шкотска со еден бод.