Корисничко име Лозинка Пријави се
12.10.2012

Македонија оди на победа над Хрватска пред преполната „Арена Филип II“

Денеска ширум Европа ќе се играат квалификациски дуели за пласман на Светското првенство во Бразил во 2014 година. Македонија ја пречекува Хрватска на „Националната арена Филип II“, а најголемото дерби се игра во Москва каде се среќаваат Русија и Португалија.

Македонската репрезентација во период од четири дена, пред полните трибини на новиот стадион, прво ќе ги пречека Хрватите, а во вторник и селекцијата на Србија. Првиот дуел со Хрватска во Загреб нашите репрезентативци незаслужено го загубија со 1-0.
„Не сакам да се заканувам, но Хрватите ги чека пекол, и на трибините, и на теренот“, изјави селекторот на Македонија, Чедомир Јаневски.
„Во Загреб со играта заслуживме најмалку бод, за што се свесни и Хрватите. Убеден сум дека сега повеќе ќе нè почитуваат и ќе бидат многу попретпазливи отколку на првиот дуел на ’Максимир’“, рече Јаневски.
Сепак, Хрватска во Белгија (реми 1-1) покажа дека знае да игра на резултат и дека има силна екипа и е еден до главните фаворити во групата.
„Од првите четири натпревари очекувам минимум девет бодови. Досега освоивме четири, а тоа значи дека треба да ја победиме Македонија на гости, а потоа и Велс во Загреб“, изјави хрватскиот селектор, Игор Штимац.
Хрватска на квалификациски натпревар нема победа во Скопје (пораз од 0-2 и реми 1-1) и целата македонска спортска јавност очекува избраниците на Чедомир Јаневски да ја продолжат традицијата пред преполната арена „Филип II“ вечерва.
Во вториот натпревар од нашата група, Србија во Белград игра против Белгија, која ќе настапи без најдобриот фудбалер во средниот ред, Маруан Фелаини.
Во Москва се среќаваат преродената Русија предводена од Фабио Капело и Португалија. Исходот на овој меч може да покаже која репрезентација ќе оди директно во Бразил, затоа што овие две репрезентации се главни фаворити за првите две места.
Русите ќе имаат голема поддршка на стадионот „Лужњики“, а се очекува на трибините да има повеќе од 50.000 навивачи.

Најнови вести