Корисничко име Лозинка Пријави се
29.5.2012

Прандели: Бонучи оди во Полска

Леонардо Бонучи, 25-годишниот одбранбен играч на Јувентус, ќе остане во кадарот на италијанската фудбалска репрезентација и покрај тоа што против него е отворена истрага за можно учество во местење натпревари.

Тоа го потврди Чезаре Прандели, селекторот на „аѕурите“, кој вчера од националниот тим го повлече Доменико Кришито откако утрото инспектори му ја пребараа собата во кампот на репрезентацијата, исто така, под сомнение дека учествувал во местење натпревари.
„Бонучи е добро и ќе биде на списокот од 23 играчи коишто ќе патуваат на Европското првенство. Полицијата го сослуша и му потврди дека е под истрага. Разговарав со него и тој е мирен, баш како и ние“, изјави Прандели, објаснувајќи зошто и кон Кришито немал таков пристап.
„Кришито го исклучив бидејќи беше под нечовечки притисок со којшто не можеше да се справи. Покрај тоа, постои можност да биде повикан на сослушување дури и пред натпреварите на Евро“, додаде Прандели.
Бонучи е осомничен дека, како одбранбен играч на Бари, е вмешан во местење на резултатот на натпреварот против Удинезе (3-3).
Италијанската репрезентација вечерва ќе одигра пријателски натпревар против Луксембург, а на Евро во Полска и Украина (од осми јуни до први јули) ја очекуваат дуелите против Шпанија, Хрватска и Ирска.

Најнови вести