Корисничко име Лозинка Пријави се
02.4.2012

Фудбалер на Аталанта уапсен поради местење натпревари

Одбранбениот фудбалер на Аталанта, дваесет и шестгодишниот Андреа Масјело засега е најзвучното име во најновата рација што ја спроведоа италијанските органи за безбедност.

Масјело е уапсен вчера вечерта, по налог на Државната адвокатската канцеларија во Бари, која ја води локалната истрага за сомнителни натпревари во сега второлигашкиот клуб од јужна Италија за сезоната 2009/10, кога клубот настапуваше во Серија А.
Сомнителни натпревари во тој период се мечевите против Лече, Палермо, Сампдорија, Киево, Болоња и Удинезе, а на нивниот исход, според истражувачите, учествувал токму Масјело.
Овој фудбалер во Бари играше во период од 2008 до 2011 година, а кога првпат беше поврзан со наместените натпревари изјави дека без проблеми ќе соработува со полицијата.
Оваа сезона тој ги брани боите на Аталанта, но по уводните осумнаесет натпревари за овој клуб, тој повеќе не е во составот, последниот настап му беше пред три месеци.
Се работи за нова фаза од истрагата за случајот „скомесополи“, во кој пред некое време зад решетките се најдоа поранешните репрезентативци Џузепе Сињори и Кристијано Дони.
Под истрага во моментов се повеќе од дваесетина луѓе, меѓу кои се наоѓаат уште неколку поранешни, но и сегашни фудбалери, како што се: Даниеле Портанова, Алесандро Париси, Симоне Бентиволјо, Марко Роси, Абделкадир Гезал, Марко Еспозито, Антонио Белависта и Никола Белмонте.

Најнови вести