Корисничко име Лозинка Пријави се
05.3.2012

Андре Вилаш-Боаш доби отказ од Челзи

Англискиот фудбалски клуб Челзи на својата официјална интернет-страница ја објави веста дека португалскиот тренер Андре Вилаш-Боаш веќе не е менаџер на екипата.

Капката која ја прели чашата се случи во саботата, во рамките на 27-то коло на Премиер лигата, во кое Челзи беше поразен со 1-0 на гостувањето кај Вест Бромич, по што падна на петтото место на табелата.
И покрај добриот почеток на сезоната, во последно време „сините“ се само просечна екипа од која никој не се плаши, а во последните 12 натпревари во домашното првенство остварија само три победи. Освен тоа, на Челзи му се заканува испаѓање од Лигата на шампионите, откако во првиот натпревар од осминафиналето кај Наполи беа поразени со 3-1.
„Андре Вилаш-Боаш од денес веќе не е тренер на фудбалскиот клуб Челзи. Управниот одбор сака да му се заблагодари за сè што направи и да изрази жалење што врската заврши толку брзо. За жал, резултатите и играта на екипата не беа на ниво, а не се ни гледаше некаков чекор напред во една ваква напредна и многу важна фаза на сезоната. Роберто ди Матео како привремен тренер ќе ја преземе првата екипа до крајот на сезоната“, стои во соопштението на лондонскиот клуб.
Првиот натпревар на Ди Матео ќе му биде утре, кога Челзи повторно го игра натпреварот од Фа купот против Бирмингам.

Најнови вести