Корисничко име Лозинка Пријави се
01.8.2018

Скопје е талично за Хајдара и за Шлагер

Двајцата екстра талентирани на австрискиот шампион Ред Бул Салцбург, Ксавер Шлагер и Амаду Хајдара повторно ќе бидат гости на националната арена „Филип Втори“, за нив среќен терен, од каде што ја почнаа авантурата до европската титула во ЛШ за младинци.

Ксавер Шлагер и Амаду Хајдара се иднината на австрискиот шампион Салцбург, екипата која ќе ѝ биде противник на Шкендија во третото квалификациско за настап во Лигата на шампионите, и ќе ни бидат гости повторно во Скопје, на 14-ти август, во реваншот со македонскиот шампион, откако во октомври 2016 година за првпат играа на националната арена „Филип Втори“ во нашиот главен град. Тогаш, како членови на младинската екипа на популарните „бикови“, токму од Скопје ја почнаа неверојатната авантура што ги доведе до сензационален успех и до шампионската круна во ова натпреварување за идните фудбалски ѕвезди на Стариот Континент.
Хајдара и Шлагер беа стрелци во двомечот со младинците на Вардар, а Салцбург го декласираше македонскиот шампион со вкупен резултат од 8-0. И потоа сè беше како во бајка, па талентите на Ред Бул ги елиминираа и гигантите Манчестер сити, ПСЖ, Атлетико Мадрид, Барселона, Бенфика и Челзи до европскиот трон.
Првиот меч меѓу Шкендија и Ред Бул Салцбург ќе се игра во Австрија на осми август, а реваншот е шест дена подоцна во Скопје.

Најнови вести