Корисничко име Лозинка Пријави се
07.3.2018

Клоп не се плаши од Англичаните во четврт-финалето

Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека не е загрижен што неговиот клуб во четврт-финалето на Лигата на шампионите би можело да игра со некој ривал од Премиер лигата.

Ливерпул вчера одигра реми без голови со Порто во реваншот и се избори за пласман во втората рунда од нокаут-фазата на елитното натпреварување благодарение на резултатот 5-0 на „Драгао“ во првиот натпревар.
Денес тоа би можело да го направат Манчестер сити (4-0 против Базел) и Тотенхем (2-2 со Јувентус во Торино), а наредната седмица Манчестер јунајтед (0-0 во Севилја) и Челзи (1-1 со Барселона на домашен терен).
„Искрено, нема да ми пречи. Не ми е гајле. Прифаќаме што и да биде. Никого посебно не го сакаме. Ќе играме исто кого и да го добиеме. Така е како што е. Има пет англиски клубови во натпреварувањето, во еден момент сигурно ќе мора да се сретнеме, ќе видиме кога ќе биде тоа“, изјави Клоп.
Ливерпул е трет во англиската Премиер лига. Заостанува со два бода зад Јунајтед, а со 18 зад лидерот Сити. Зад него се Тотенхем со два и Челзи со седум бодови помалку.
Претстојниот викенд „црвените“ ги очекува најголемото дерби, гостуваат на „Олд Трафорд“ кај несаканиот ривал Јунајтед и директен конкурент во борбата за второто место.

Најнови вести