Корисничко име Лозинка Пријави се
07.12.2017

Ливерпул со седум гола до осминафиналето, се пласира и Шахтар!

Фудбалерите на Ливерпул го победија Спартак со убедлив резултат од 7-0 и ја обезбедија првата позиција во групата Е.

Екипата на Јирген Клоп групната фаза ја заврши со 12 бода, три повеќе од второпласираната Севилја, која, исто така, ќе игра во осминафиналето. Андалузијците ремизираа во Марибор со 1-1. Спартак натпреварувањето ќе го продолжи во Лигата на Европа, додека Марибор испадна.
Ливерпул со пласманот ја потврди доминацијата на англиските клубови, па за прв пат во историјата во осминафиналето ќе гледаме пет екипи од една земја.
„Црвените“ буквално ги демолираа фудбалерите на Спартак. По првиот погодок на натпреварот, кој Кутињо го постигна од пенал во петтата минута, следуваше дожд од голови, а во стрелците се запишаа уште два пати Кутињо, два пати Мане, Фирмињо и Салах за една од највозбудливите победи во историјата на Лигата на шампионите. Ливерпул со истиот резултат го доби Марибор пред неколку седмици.
Манчестер сити го доживеа првиот пораз во сезоната, на гостувањето кај Шахтар во групата Ф „граѓаните“ беа поразени со резултат 2-1. Стрелци за домаќините беа Бернард во 26-тата и Исмаили во 32-рата минута, а единствениот гол за гостите го даде Агуеро во продолжението на времето. Со овој триумф екипата на Шахтар го зазеде второто место во групата и се пласира во осминафиналето. Од групата Ф, во Лигата на Европа ќе игра Наполи, кој беше поразен од Феенорд во Ротердам со 2-1. „Наполитанците“ до водство дојдоа со погодокот на Зјелински, Јергенсен израмни, а Сент Јуст во финишот им ја донесе првата победа на Холанѓаните во Лигата на шампионите.
Во нокаут-фазата од групата Г Бешикташ му се придружи на Порто. „Змејовите“ славеа со 5-2 на домашен терен против Монако. Абубакур два пати беше стрелец, а по еднаш мрежата ја погодија Брахими, Телес и Соареш. За гостите од Кнежевството голови постигнаа Глик и Фалкао. Порто групата ја заврши на второто место, со десет бодови, два повеќе од третопласираниот Лајпциг, кој беше поразен од Бешикташ со 2-1, па напролет ќе игра во Лигата на Европа. Последен е Монако.
Во рамките на групата Х, Тотенхем и Реал славеа против АПОЕЛ и Дортмунд. Тотенхем беше подобар од Кипраните со 3-0 на првата позиција на крајот од групната фаза, додека Реал беше подобар од Германците во голеадата од 3-2, со голот на Кристијано Роналдо. Португалецот влезе во историјата како прв играч кој бил стрелец во сите шест натпревари од групната фаза на натпреварувањето. Борусија Дортмунд групата ја заврши на третото место, додека АПОЕЛ испадна.

Најнови вести