18.3.2017 Играчите на Барселона имаат фаворит за местото на Луис Енрике
Луис Енрике, тренерот на Барселона, неодамна соопшти дека ќе ги напушти Каталонците на крајот на сезоната, па почна и лицитацијата за негов наследник. Се огласија и фудбалерите од „Камп ноу“, коишто имаат нивен кандидат. Тоа е Хуан Карлос Унзуе, сегашниот асистент на Енрике.
Поддршка на Унзуе досега му дадоа Андрес Иниеста, Жерар Пике и Иван Ракитиќ, додека меѓу наследниците се споменуваат и Ернесто Валверде и Хорхе Сампаоли, кои сега се на клупите на Атлетик Билбао и на Севилја.
Унзуе беше чувар на мрежата на Барселона (1988-1990) и тренер на голманите на Каталонците во периодот од 2003 до 2010 година и повторно од 2011 година, додека една сезона помина во Нумансија како главен тренер. Беше помошник на Луис Енрике во Селта, а потоа и во Барселона.
„Унзуе знае сè за клубот. Веќе долго време работи со нас и знае како функционираме. Ова е квалификуван и искусен тренер, кој ни помага да ги оствариме целите поставени во оваа сезона“, изјави Иниеста.
Слично размислување има и Жерар Пике, дефанзивниот играч на Барселона.
„Унзуе помина многу години во клубот, не само со Енрике, туку и додека беше тренер Гвардиола. Тој би бил одличен кандидат“, изјави Пике, а се надоврза и хрватскиот играч за врска Иван Ракитиќ:
„Со Унзуе имаме исклучително добар однос. Сите добро нè познава и сите имаме максимална доверба во него. Луис Енрике имаше негов стручен штаб, но и Унзуе има негови идеи. Тоа е иста филозофија, но секој тренер има свој стил“, изјави Иван Ракитиќ.