Корисничко име Лозинка Пријави се
11.11.2016

Прв пораз на Металург на домашен терен

Металург четврти пат е поразен во групата Ц од ракометната Лига на шампиони оваа сезона, а прв пат на домашен терен.

Македонскиот вицешампион беше поразен со 30-24 (14-10) од Монпелје, по втор пат во период од две и пол седмици. Најефикасни поединци беа Обрадовиќ кај домашната и Гребие кај гостинската екипа, коишто постигнаа по десет погодоци.
Французите заслужено ги освоија бодовите во Скопје, тие беа подобри во средбата против екипата од Автокоманда, која се одигра во ВИП арената „Борис Трајковски“. Гребие погоди десет пати, а уште толку голови постигнаа Доленец и Фабрегас, додека на спротивната страна, Обрадовиќ немаше расположен соиграч кој ќе го следи, а Червар немаше решение од клупата кое соодветно ќе одговори.
Во финишот на натпреварот, Металург успеа да се приближи на разлика од два гола (22-24), но Монпелје возврати со серија од 3-0 и безбедно ја одигра средбата до самиот крај.
Младиот составот на Лино Червар се обидуваше да игра во чекор со фаворитот на овој дуел, не донесе некое изненадување, но стекна искуство кое ќе му биде потребно за преостанатите натпревари од групната фаза, како и за во наредната сезона.
Металург во следното коло ќе гостува кај екипата на Елверум во Норвешка, која ја совлада во првото коло со 18-17.
Гостинот беше победник и во другиот натпревар од групата кој се одигра вчера. Татран Прешов ја совлада екипата на Чеховски Медведи со 29-28.

Најнови вести