Корисничко име Лозинка Пријави се
28.10.2016

Сари: Игуаин ми е како син кој ме разлутил

Аргентинскиот напаѓач Гонзало Игуаин утре прв пат во дресот на Јувентус ќе игра против својот некогашен клуб Наполи. Неговиот неодамнешен тренер Маурицио Сари е подготвен за средбата со поранешниот ученик, кој разочара многумина во Неапол.

Игуаин помина три сезони на стадионот „Сан Паоло“, каде што навивачите толку многу го засакаа што по малку се закануваше да му ја загрози славата и на Диего Армандо Марадона, кој во секој поглед е легенда на Наполи. Но, сè падна во вода кога Игуаин летоска реши да го засили најголемиот ривал Јувентус.
„Игуаин и јас добро се согласувавме, секогаш беше вреден на тренинзите и одличен на натпреварите. Како ќе го поздравам утре? На начин на којшто татко би го дочекал синот, кој го разлутил“, изјави Маурицио Сари, тренерот на Наполи, пред натпреварот со Јувентус во Серија А.
Иако изјавата на тренерот на „наполитанците“ не е изречена во негативен тон, туку повеќе во шега, армија навивачи на Наполи никогаш нема да му простат на Игуаин што ги издал, а и неговиот поранешен соиграч Дрис Мертенс не размислува за простување, туку за победа над клубот од Торино.
„Натпреварот против Јувентус е многу важен, и тогаш на теренот веќе нема да има пријатели. Игуаин од мене ќе добие шлаканица“, изјави во шега Мертенс пред средбата со својот поранешен другар.

Најнови вести