Корисничко име Лозинка Пријави се
08.10.2016

Пеле отстранет од репрезентацијата, Кјелини се повреди на тренинг

Грацијано Пеле, напаѓачот на репрезентацијата на Италија, е отстранет од тимот откако одби да се ракува со селекторот Џампјеро Вентура.

Пеле на натпреварот со Шпанија (1-1) беше заменет по половина час игра, на негово место влезе Имобиле, а при излегувањето од теренот разочараниот фудбалер одби да се поздрави со селекторот.
Играчот на кинескиот Шандонг ќе го пропушти наредниот квалификациски натпревар со Македонија, кој се игра утре во Скопје.
„Да се биде дел од националниот тим подразбира делење одредени вредности, кои почнуваат со почитување на стручниот штаб, играчите и навивачите. Играчот ќе се врати во својот клуб“, се наведува во соопштението.
Италија во дуелот со Шпанија дојде до тешко заработен бод, со погодокот на Де Роси од единаесет метри во самиот финиш на натпреварот.
Репрезентацијата на Италија остана и без Кјелини пред утрешниот натпревар со Македонија.
Откако се повреди Рикардо Монтоливо, кој го напушти теренот во натпреварот со Шпанија и кој нема да биде во состојба да игра наредните шест месеци поради повреда на лигаментите на коленото, се повреди и Џорџо Кјелини, фудбалерот на Јувентус. Но се работи за полесна повреда од онаа со која се здоби Монтоливо.
Кјелини синоќа по повредата на тренингот беше вратен во клубот, а станува збор за повреда на задниот дел на бутниот мускул. Останува да се види колку е сериозно сето тоа, но Кјелини би требало да се врати во акција за натпреварите на Јувентус во Серија А.

Најнови вести