Корисничко име Лозинка Пријави се
08.9.2015

Думбија: Во Рома ја изгубив желбата да играм фудбал

Сејду Думбија, напаѓачот од Брегот на Слоновата Коска, изјави дека во текот на краткиот престој во Рома ја изгубил желбата да игра фудбал.

Думбија во јануари направи трансфер во Рома за 15 милиони евра, но не успеа да се снајде во римскиот клуб, па ова лето беше вратен на заем во ЦСКА.
„Не се чувствував пријатно во Рома уште од првиот ден, морав да се пронајдам себе, затоа беше важно да се вратам во Москва. Ми беше тешко по Африканскиот куп на нациите и последните месеци ја изгубив желбата за фудбал“, изјави Думбија за „Кориере дело спорт“.
Тој додаде дека не би сакал да се врати во Рома, за која постигна само два гола.
„Сега физички се чувствувам добро и мислам дека враќањето во ЦСКА беше вистинска одлука, иако интерес покажаа неколку англиски клубови. Моментно ѝ припаѓам на Рома, но се надевам дека ако сè помине во ред, ќе останам во Русија“, изјави 27-годишниот напаѓач.
Думбија во ЦСКА дојде во 2010 година од швајцарскиот Јанг бојс. За клубот од Москва на 130 натпревари постигна 84 погодоци. Дресот на репрезентацијата на Брегот на Слоновата Коска го облече 29 пати и четири пати се запиша во листата на стрелците.

Најнови вести