Корисничко име Лозинка Пријави се
26.6.2014

Хицфелд: Шаќири покажа колку може

Отмар Хицфелд, селекторот на Швајцарија, изјави дека неговата екипа покажала карактер во победата од 3-0 над Хондурас.

Џердан Шаќири, напаѓачот на Швајцарија, постигна хет-трик во дуелот со Хондурас и својата репрезентација ја одведе во осминафиналето на Светското првенство.
„Игравме против силен тим и во многу тешки услови, беше премногу влажно. Покажавме одличен став, волја и страст, и тоа нè одведе до пласман“, изјави Хицфелд.
Селекторот на Швајцарија изјави дека јунакот на победата над Хондурас, Џердан Шаќири, само потврди што сè може да постигне.
„Џердан Шаќири беше одличен, покажа колку е способен. Но, игравме добро како тим и играчите заслужуваат да им честитам. Сега мораме да закрепнеме, имаме шест дена, поради што сум среќен, и во текот на тој период добро ќе се подготвиме за натпреварот со Аргентина“, додаде Хицфелд.
Неговиот колега од другата страна, Луис Фернандо Суарес жали поради една работа – што Хондурас не успеа да оствари победа на Мундијалот во Бразил.
„Беше сон да се дојде на Светското првенство и им се извинувам на луѓето во Хондурас што не успеавме да дојдеме до победа овде во Бразил. Ја поседувавме топката, но тоа не го претворивме во голови. Имавме неколку добри шанси, но едно е да ги создаваш, а друго да ги користиш. Игравме ризично за да го оствариме сонот и да победиме на натпревар овде, поради што Швајцарија доби шанси“, изјави Суарес.

Најнови вести