Корисничко име Лозинка Пријави се
11.6.2015

Македонија лесно со Швајцарија пред решавачкиот дуел со Чешка

Ракометната репрезентација на Македонија во Сент Гален триумфираше против Швајцарија и во недела на домашен терен го игра натпреварот против Чешка за пласман на Европското првенство 2016 година во Полска.

За Македонија е доволно да одигра и со нерешен резултат за да се пласира во големото европското натпреварување.
Победата на Франција на гостувањето во Чешка им допушти на нашите репрезентативци релаксирано да влезат во натпреварот против Швајцарците. Во средбата во Сент Гален, капитенот Кире Лазаров во игра влегуваше само за ударите од линијата на седум метри, а Митков во првото полувреме одлично ја надополни позицијата десен бек.
Македонија уште на почетокот на првиот дел ја создаде првата предност од пет погодоци. Митков постигна погодок од игра, Лазаров од пенал, а Дејан Манасков заокружи за највисоката разлика од пет погодоци (3-8) во 16-тата минута. Најголемата предност од осум голови (6-14) на четири минути од крајот на првиот дел ја постави Гоце Георгиевски со својот втор погодок, а по истекувањето на времето, Граубер од слободен удар од линијата од девет метри погоди за конечниот резултат 8-15.
Второто полувреме нашите ракометари го одиграа рутински, а Швајцарците се обидуваа да ја ублажат предноста на Македонија, но до најмала разлика од пет погодоци беа само во 37-мата минута. Во 53-тата минута од средбата, со погодокот на Филип Лазаров Македонија ја имаше највисоката предност од девет голови (15-24), а во последната минута од натпреварот, Филип Талевски со својот прв погодок го постави конечниот резултат 17-26.
Најпрецизен ракометар во нашата селекција беше Кире Лазаров, кој од пенал постигна пет погодоци, Митков и Стоилов дадоа по четири голови, а Филип Миркуловски три.
Кај Швајцарците најдобри стрелци беа Шмид и Кутел со по четири погодоци.
Натпреварот меѓу Македонија и Чешка се игра во недела, од 17.45 часот, во спортскиот центар „Борис Трајковски“.

Најнови вести