Корисничко име Лозинка Пријави се
11.6.2016

Велс со деби победа на Евро, Швајцарија минимално со Албанија

Репрезентацијата на Велс ја совлада Словачка на првиот натпревар од Групата Б со 2-1, а Швајцарија очекувано славеше над Албанија со 1-0 во Групата А.

Триумфот на „змејовите“ на дебито на Европските првенства им го донесе Хал Робсон-Кану во 81 минута по лошата реакција на словачката одбрана.
Претходно Велшаните поведоа преку одличниот слободен удар на Герет Бејл во десеттата минута на натпреварот, а Словачка дојде до израмнување преку резервистот Андреј Дуда кој во 61 минута постигна гол со првиот допир со топката.
Ова е прв пат две децении, поточно од средбата меѓу Турција и Хрватска во 1996 година уводниот меч во групата да го играат два дебитанти. Двете селекции досега имаа по една победа во меѓусебните дуели.
На првиот натпревар денеска Швајцарија со голот на Шер во петтата минута ја совлада Албанија. Швајцарците беа подобар противник во текот на целиот натпревар, но и Албанците имаа неколку одлични шанси да постигнат гол.
Во финишот на првото полувреме репрезентацијата на Џани де Бјази остана без капитенот Лорик Цана кој беше исклучен откако го доби вториот жолт картон, но Швајцарците иако со играч повеќе преку Сеферовиќ пропуштија три стопроцентни шанси да ја зголемат предноста.
Во самиот финиш Гаши излезе сам пред противничкиот голман, но Зомер одлично го одбрани неговиот удар и ја обезбеди победата на својата репрезентација.
Овој натпревар беше интересен по фактот што дури петнаесет фудбалери на теренот имаат албанско потекло, а двоцифрен број од нив е роден или пораснал во Швајцарија. Во центарот на вниманието беа браќата Џака, дваесет и петгодишниот Таулант кој настапува за Албанија, а две години помладиот Гранит игра за Швајцарија.

Најнови вести