Корисничко име Лозинка Пријави се
18.6.2018

Реми на Бразил и Швајцарија, Србија прва во групата

Репрезентациите на Бразил и на Швајцарија одиграа нерешено 1-1 во вториот натпревар од првото коло во групата Е. Србија со победата против Костарика го држи првото место во групата пред натпреварот со Швајцарија.

Првиот половина час од натпреварот помина во знакот на Бразил. Константните напади во првите 15 минути дадоа плод.
Одбраната на Швајцарија одби еден удар од Бразилците, но топката дојде до Филипе Кутињо, кој се најде сам на работ на шеснаесетникот и во неговиот препознатлив стил го матираше голманот Зомер. За голот да биде уште подобар, топката ја поткачи стативата.
По половина час игра и Швајцарија се ослободи од притисокот и тргна во напади, коишто завршуваа пред да бидат реализирани.
Она што не успеаја да го направат во финишот на првото, Швајцарците го направија на почетокот на второто полувреме. Само пет минути по враќањето на теренот, со погодокот на Стивен Цубер дојдоа до изедначување.
Швајцарија изведе корнер, а Цубер беше најдобар при скокањето и го матираше Алисон. Бразилците се жалеа дека Цубер направил фаул при скокањето, но судијата не сакаше да ја проверува снимката и покажа на центарот. Се играше 50-тата минута од натпреварот.
И Бразил вршеше притисок, и на двете страни се играше прилично грубо, а нападите се нижеа од двете страни. Натпреварот беше интересен, а на Бразил не му одеше од рака да ја игра својата игра на кратки пасови бидејќи мораа да запрат пред казнениот простор, а од друга страна, Швајцарија играше токму така како што требаше – конкретно, организирано и ослободено од стравот и од импресиите на Бразил.
Паулињо во самиот финиш на натпреварот имаше идеална можност да му донесе победа на Бразил, но мрежата зад грбот на Зомер остана мирна. Во петтата минута од продолжението, Нејмар изведе слободен удар, но Швајцарија имаше среќа да ја зачува мрежата и да освои бод против големиот фаворит.
Во второто коло Швајцарија ќе игра против Србија, а Бразил против Костарика, Србија моментно е прва во групата со три бода, потоа следуваат Бразил и Швајцарија, а Костарика е последна без бодови. Натпреварите од второто коло се играат на 22-ри јуни.

Најнови вести