Корисничко име Лозинка Пријави се
18.6.2014

Манџукиќ се враќа: Одиме на победа

Марио Манџукиќ изјави дека се радува што ќе настапи на Светското првенство во Бразил и додаде дека Хрватска оди на победа против Камерун во натпреварот од второто коло на групата А на Светското првенство.

„Мило ми е што се враќам, едвај го дочекав денот да можам повторно да заиграм. Напорно тренирав и ова е можеби еден од најважните натпревари. Подготвени сме“, изјави Манџукиќ за хрватските медиуми.
Хрватскиот напаѓач поради црвениот картон што го доби во реванш-натпреварот од баражот за Светското првенство против Исланд мораше да ја пропушти средбата на отворањето на Мундијалот  против Бразил.
„Сон на секој играч е да игра на светската смотра. Сакам да играм, сакам да се докажувам, заедно со својата екипа. Се надевам дека мојот прв настап на Светското првенство ќе биде обележан со позитивен исход“, изјави напаѓачот на Хрватите.
Манџукиќ изјави дека не е лесно да се поднесат временските услови во Амазонија.
„Ни требаше време на тренинг за да се навикнеме на влагата, потоа беше полесно. Тоа мораме да го оставиме настрана и да не мислиме на временските услови, мораме да се сконцентрираме на својата игра за да извлечеме позитивен резултат“, додаде Манџукиќ.
Хрватска во првиот натпревар на Мундијалот беше поразена со 1-3 од Бразил, додека Камерун еден ден подоцна изгуби од Мексико со 0-1.
Поразената репрезентација во вечерашниот дуел ќе се збогува од Светското првенство по синоќешното реми меѓу Бразил и Мексико, а Манџукиќ изјави дека селекцијата не чувствува голем притисок.
„Ние дојдовме на Светското првенство да победуваме, па сега мораме да ги победиме и Камерун и Мексико. Ситуацијата не се промени значително, размислувам позитивно и верувам дека можеме да го направиме првиот чекор“, изјави Манџукиќ.


Најнови вести