Корисничко име Лозинка Пријави се
09.8.2018

Кина ќе почека, Далиќ одби понуда од 5 милиони евра и остана селектор на Хрватска

Златко Далиќ останува селектор на хрватската фудбалска репрезентација, откако неочекувано успешно ги предводеше „коцкестите“ до финалето на Светското првенство во Русија

На својата интернет страница Хрватскиот фудбалски сојуз објави дека Златко Далиќ ќе продолжи да ја предводи сребрената селекција од СП во Русија. 
Далиќ на сензационален начин ја предводеше Хрватска до мундијалско сребро и иако имаше дилеми дали да остане селектор, сепак ја прифати понудата и останува на кормилото на „коцкестите“. Имаше понуда од Кина вредна 5 милиони евра, но предизвикот да продолжи како селектор на Хрватска беше позначаен за Далиќ. Годишната плата како кормилар на оваа репрезентација му е 250 илјади евра.
„Никогаш немало кај мене дилема. Нема поголем предизвик за мене од селекторската позиција во хрватската репрезентација. Имав само еден услов,  да имам мир и да нема мешање во мојот домен на работа. Навикнат сум на чесен однос и барав така да остане. Се радувам на продолжување на соработката со ХНС и особено со репрезентативците“, изјави Далиќ.
Тој неочекувано доби шанса да биде селектор во финишот на мундијалските квалификации и одработи беспрекорно. Под негова палка Хрватска го доби клучниот последен меч со Украина на гостински терен, а потоа лесно ја мина Грција во баражот. Се потоа на СП во Русија беше како од бајките и за Далиќ и за Хрватска, селекција која со освојување на второто место го постигна најголемиот фудбалски успех во историјата.

 

Најнови вести