Корисничко име Лозинка Пријави се
15.8.2018

И Субашиќ се откажа од репрезентацијата, на ред е Модриќ

„Сребрената“ Хрватска оди во историјата

Само пред еден месец репрезентацијата на Хрватска го направи најголемиот успех во нејзината историја откако стигна до сребрениот медал на Светското првенство во Русија. „Коцкестите“ направија подвиг откако се пласираа во финалето, каде што со 4-2 беа поразени од Франција. 
Дуелот против „галските петли“ се покажува како последен за добар дел од репрезентативците. По Ведран Чорлука и Марио Манџукиќ, денеска и голманот Даниел Субашиќ најави дека се повлекува од репрезентативниот дрес. 
Субашиќ беше „број 1“ во последниве неколку години на голот на Хрватска, а и на Мундијалот во Русија имаше блескави одбрани. Сега тој реши дека е време да си замине од националниот состав. 
„Дојде време по 10 години во репрезентацијата, да се простам од мојот најдраг дрес. Тоа беше долго патување. Сакам да им се заблагодарам на сите тренери од коишто многу научив. Би сакал да го спомнам Славен Билиќ, кој ме повика во репрезентацијата, како и Златко Далиќ, со кого стигнавме до неверојатното сребро. Оваа моја одлука ја донесов многу пред Светското првенство во Русија бидејќи сакав мојот последен настап да биде на Мундијалот“, се вели во дел од писмото кое го напиша Субашиќ. 
Според многумина, нареден кој ќе објави дека ќе се повлече од репрезентацијата е капитенот Лука Модриќ. Ѕвездата на Реал Мадрид засега молчи и е фокусиран на денешниот дуел против Атлетико Мадрид во Суперкупот на Европа.

 

Најнови вести