Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
10.7.2018

Ширер: Немаме од што да се плашиме, Хрватите се како живи мртовци

Алан Ширер, легендата на Њукасл и на Англија, изјави дека мисли дека неговата репрезентација сега има сè што ѝ е потребно за да го освои Мундијалот во Русија и додаде дека Англичаните не се плашат од Хрватска во полуфиналето.

Англија е трет пат во полуфиналето на натпреварувањето кое го освои еднаш – 1966 година. Сè изгледаше многу поинаку пред да почне Мундијалот, а Хари Кејн на контото немаше шест гола.
„Пред да почне турнирот, не би смеел да кажам дека ќе го освоиме, само сакав да видам знаци дека работите напредуваат. Зборувајќи искрено, мислам дека никој не чувствуваше дека можеме до полуфиналето. Јас, секако, не чувствував“, изјави Ширер за Би-би-си.
Англичаните сега од финалето ги дели само натпреварот со Хрватска. Кој и да помине, ќе има многу тежок противник против Белгија или Франција.
Но, Ширер сега се прашува: „Дали трофејот се враќа дома? Мораме да веруваме, зар не? Сè некако си доаѓа на свое место.“
Тој се присетува и на начинот на којшто целата екипа пред 22 години на Европското првенство ја будеше Пол Гаскоњ. Англија и тогаш играше во полуфиналето.
„Тогаш песната ‘Три лава’ беше сè што можевте да слушнете во хотелот. Пол Гаскоњ секое утро би нè будел така што ќе го отвори прозорецот од собата и ќе го вклучи ЦД-плеерот до крај“, додаде англискиот репрезентативец.
Англија во 1996 година беше елиминирана во полуфиналето од Германците по пеналите, во финалето играа Германија и Чешка и Германците го освоија првенството. Меѓутоа, Англија кога минатиот пат играше во полуфиналето на Мундијалот, дури 17 играчи на денешниот тим не беа ниту родени.
Иако се млади, Ширер верува дека Англија ќе излезе на крај со Хрватска, за која вели дека во продолженијата против Русија изгледала како „збир на мртовци“.
„Знаеме дека слободните удари и корнерите се важна работа поради кои Хрватска ќе биде загрижена утре, но јас ги гледам нив и не гледам причина за загриженост. Секако дека имаат некои технички надарени играчи, како што се Модриќ и Ракитиќ, кои на овој турнир беа врвни, но изгледаа како мртви што одат во текот на продолженијата во четврт-финалето против Русија. Мораме да ги почитуваме поради квалитетот што го поседуваат, но не и да се плашиме и не мислам дека тоа ќе го направат играчите на Англија“, изјави Ширер.
Според неговото мислење, Англија го положила тестот за карактер против Колумбија, на Шведска ѝ даде гол од игра и сега има сè што ѝ е потребно за да оди во финалето и да се бори за титулата која во Англија ја чекаат од 1966 година.

Најнови вести