Корисничко име Лозинка Пријави се
  • БОЈА:
10.7.2018

Далиќ: Го запревме Меси, можеме и Кејн

Златко Далиќ, селекторот на Хрватска, изјави дека не се плаши од најдобриот играч на Англија, Хари Кејн.

Двете селекции ќе играат утре во Москва, во натпреварот од полуфиналето на Светското првенство, а главниот адут на „гордиот Албион“ ќе биде токму капитенот.
Кејн е најдобриот стрелец на Мундијалот со шест постигнати гола, а Далиќ изјави дека не е загрижен поради неговата форма.
„Кејн е прв стрелец, не е лесно да се запре. Но имаме врвни стопери. Успеавме да ги запреме Лионел Меси и Кристијан Ериксен, се надевам дека ќе можеме и Кејн“, изјави Далиќ.
Далиќ не им посветува внимание ниту на потенцијалните мани на Англичаните кои ги истакнува јавноста, како што е жестоко оспоруваниот Рахим Стерлинг, кој нема постигнато гол за репрезентацијата речиси три години.
„Не би рекол дека постојат некои очигледни слабости. Тие се во полуфиналето, тоа доволно кажува. Во досегашните натпревари покажаа дека играат директен фудбал, брз. Одлични се од прекините, нивните високи играчи се опасни при корнерите. Мислам дека Стерлинг е важен играч бидејќи е многу брз, а во комбинација со Кејн е исклучително опасен“, додаде селекторот на хрватската репрезентација.
Хрватска детално ќе ги анализира Англичаните до утре.
„Со Шведска се изборија релативно лесно, знаеме дека се тежок противник, ги почитуваме. Но веруваме во својата сила, не се плашиме од Англија“, изјави Далиќ.
Додека Англичаните до полуфиналето стигнаа со победите над Колумбија на пенали и над Шведска со 2-0, Хрватите двата нокаут-натпревари ги решија на пенали, прво против Данска, а потоа против домаќинот Русија.

Најнови вести