Корисничко име Лозинка Пријави се
18.3.2014

Берлускони: Сидорф останува тренер и следната сезона

Силвио Берлускони, претседателот и сопственик на италијанскиот фудбалски клуб Милан, изјави дека тренерот Кларенс Сидорф има негова целосна поддршка и ги демантираше медиумските шпекулации дека веќе размислува за нов шеф на стручниот штаб.

Милан во неделата на домашен терен изгуби од Парма со 4-2 и го забележа третиот последователен пораз во Серија А. „Росонерите“ се наоѓаат на 12-тото место на табелата, со 40 бодови помалку од водечкиот Јувентус и со 12 помалку од градскиот ривал Интер.
„Сидорф воопшто не е предмет на мое размислување. Тој ќе остане тренер дури и следната година“, изјави Берлускони за италијанскиот „Скај“.
Сидорф, поранешниот играч на Милан, на клупата на „росонерите“ дојде во јануари на местото на Масимилијано Алегри.
Лидерите на навивачите на Милан во неделата вечерта на стадионот одржаа состанок со Сидорф, Кака и Балотели за да го изразат незадоволството од играта и резултатите.
„Ситуацијата е деликатна, но тоа беше мирен состанок. Најжестоките навивачи имаат право да го изразат ставот пред, за време и по натпреварот“, објасни Сидорф.
Екипата на Милан следниот првенствен натпревар го игра во недела против Лацио во Рим.

Најнови вести