Корисничко име Лозинка Пријави се
16.1.2014

Сидорф потпиша две и полгодишен договор со Милан

Поранешниот холандски фудбалер Кларенс Сидорф и официјално стана нов тренер на италијанскиот гигант Милан, откако во друштво на потпретседателот на клубот Адријано Галијани потпиша договор.

Триесет и седумгодишниот Сидорф вчера стигна во Милан, каде што ја гледаше победата на својата прва екипа во тренерската кариера. Милан во натпреварот од Купот на Италија против второлигашот Специја славеше со 3-1.
Холанѓанецот утрово стигна во просториите на миланскиот клуб, каде што околу 13 часот и официјално стана прв стратег на екипата. Потпиша договор на две и пол години, а има задача да создаде „нов“ Милан.
„Клубот го напуштив во 2012 година, а тоа воедно беше и крајот на една ера. Сега се вратив, а моја задача со Милан е да почнам нова ера. Пред нас има многу работа“, им изјави Сидорф на собраните новинари, а потоа се упати на одработување на првиот тренинг.
Сидорф од 2002 година десет години без прекин играше за Милан, со кого по два пати ги освои Лигата на шампионите и шампионската титула на Италија. Холанѓанецот на тренерската клупа го замени Масимилијано Алегри, кој беше отпуштен во понеделникот по серијата лоши резултати. Милан моментно се наоѓа на 11-тото место во Серија А.

Најнови вести