Корисничко име Лозинка Пријави се
17.10.2013

Евертон без Гибсон до крајот на сезоната

На Дарон Гибсон, 25-годишниот играч за врска на Евертон, ќе му биде извршена операција поради оштетување на предниот вкрстен лигамент на коленото, па веројатно ќе го пропушти остатокот од оваа сезона.

По Европското првенство во 2012 година, Гибсон не беше достапен на неодамнешниот селектор на ирската репрезентацијата, Џовани Трапатони, но откако тој си замина од клупата на Ирска, привремениот селектор Ноел Кинг го повика во составот за последните два квалификациски натпревари за Светското првенство.
Минатиот петок Гибсон ги одигра сите деведесет минути против Германија, а се најде во составот и во вторникот во средбата против Казахстан во Даблин, но уште во првото полувреме на носилки беше изнесен поради тешка повреда на десното колено која ја здоби по еден дуел.
Лекарскиот тим на Евертон установи дека Гибсон ќе мора да оди на операција. Клубот не соопшти колку време ќе биде потребно за да се врати неговиот играч на теренот, но обично по таква повреда и операција, потребна е рехабилитација од околу шест месеци, па тешко е да се очекува дека Гибсон оваа сезона ќе му биде на располагање на својот клуб.
Роберто Мартинес, менаџерот на Евертон, откри дека и јужноафриканскиот играч за врска на неговата екипа, 31-годишниот Стивен Пиенар, најверојатно нема да биде спремен за саботната домашна средба против Хал, во осмото коло од англиското фудбалско првенство.
„Веројатно сабота доаѓа прерано за него, но мислам дека времето кога ќе се врати не е далеку. Сите показатели се позитивни, но мора да внимаваме да не го вратиме прерано“, изјави Мартинес.

Најнови вести