Корисничко име Лозинка Пријави се
04.6.2018

Нова повреда на Компани, неизвесен за Светското првенство

На белгискиот фудбалер Винсан Компани ќе му бидат направени прегледи за да се утврди колку е сериозна повредата на препоните и дали ќе патува на Светското првенство.

Компани се повреди во текот на пријателскиот натпревар со Португалија. Тој на почетокот на второто полувреме веднаш го напушти теренот и не ја дочека измената.
Роберто Мартинес, селекторот на Белгија, изјави дека Компани почувствувал неудобност во препоните. Мартинес денес ќе мора да го соопшти конечниот список од 23-ца играчи за Светското првенство.
Ако Компани го пропушти претстојниот Мундијал, тоа ќе биде втор последователен голем турнир што ќе го пропушти бидејќи не настапи на Европското првенство 2016 година поради повреда на ногата.
„Не сакате да изгубите фудбалер каков што е Винсан. Тој е искусен, знае што треба да работи и како да комуницира на теренот“, изјави Мартинес за белгиските медиуми по натпреварот.
Капитенот на Манчестер сити, кој има 77 настапи за Белгија, имаше проблеми со повреди во текот на кариерата, но се чинеше дека е подготвен за Светското првенство, на коешто Белгија ќе игра во групата Г со Панама, Тунис и Англија.
„Малку сум разочаран заради него, бидејќи добро работеше на подготовките. Неговото влијание врз групата секогаш е позитивно, секогаш сака да помогне и работеше исклучително напорно“, додаде Мартинес.

Најнови вести