Корисничко име Лозинка Пријави се
01.10.2012

Вукчевиќ до среда во индуцирана кома

Хрватскиот фудбалер Борис Вукчевиќ и понатаму се бори за живот во Универзитетската болница во Хајделберг. Состојбата му е критична, но стабилна, објави неговиот клуб Хофенхајм.

Според информациите на „Билд“, Вукчевиќ до среда ќе биде задржан во индуцирана кома, а во саботата, пишува германскиот дневник, му бил извршен оперативен зафат за да се стабилизира интракранијалниот притисок. Семејството на дваесет и двегодишниот фудбалер кој е роден во Осиек во меѓувреме објавија кратко соопштение.
„Им благодариме на лекарите кои уште од петокот се борат за животот на нашиот син. Поддршката што ја добиваме од сите страни ни помага во вербата дека нашиот Борис ќе закрепне“, стои во соопштението на семејството, според чија желба фудбалерите на Хофенхајм во саботата го одиграа натпреварот од шестото коло на Бундеслигата против Аугсбург (0-0).
Младиот играч за врска во петокот настрада во сообраќајна несреќа. Од засега непознати причини, со својот автомобил удри во камион. Со оглед на тоа дека е дијабетичар, една од теориите е дека му станало лошо бидејќи му паднал шеќерот во крвта.

Најнови вести