Корисничко име Лозинка Пријави се
25.6.2018

Кавани: Не мислиме на Шпанија и Португалија

Напаѓачот на Уругвај Единсон Кавани изјави дека сите во тимот се фокусирани единствено на натпреварот со Русија и дека никој не мисли на потенцијалните ривали во осминафиналето.

Русија и Уругвај имаат по шест бодови и во меѓусебната пресметка во 16 часот ќе одлучат кој ќе биде победник во групата А.
„Најважно ни е да победиме во тој дуел, да завршиме како први, а потоа ќе видиме што се случува со другите. Сепак, прво се фокусираме на себе, ние сме сложна група и со иста посветеност ќе се фокусираме и на дуелот во осминафиналето“, изјави Кавани.
На прашањето дали е изненаден од некои резултати во првите 11 дена од првенството, триесет и едногодишниот напаѓач на ПСЖ одговори: 
„Не сум воопшто. Натпреварите се многу тесни, одлика на Мундијалот се нерешени резултати или победа со еден гол разлика. Тоа покажува голем квалитет и дека разликата меѓу репрезентациите не е толку голема како некогаш. Натпреварите се потешки, понервозни и тешко е да се оствари резултат“.
Селекторот Оскар Табарес не сакаше да каже дали ќе одмара некој од ѕвездите за мечот со Русија.
„Сигурно нема да ви дадам никакви информации за составот. Нема овде да откријам ништо, но веќе реков дека секој претстоен меч ни е важен. Некој рекол дека можеби ќе има осум измени, но нема да влегувам во тоа, нема да излеземе на теренот туку така“ и додаде:
„Сакаме да играме седум натпревари за еден месец, подготвени сме за тоа и по секој меч минуваме низ процес за одмор кој е неопходен, но заморот не е тема во нашиот тим во моментов“.
Во другиот натпревар во групата за чест и за први бодови ќе играат Египет и Саудиска Арабија.

Најнови вести