Корисничко име Лозинка Пријави се
16.7.2018

Пеле за Мбапе: Ќе морам да ја истресам прашината од копачките

Легендарниот Пеле најави дека би можело да се врати на теренот доколку францускиот тинејџер Килијан Мбапе продолжи да ги соборува неговите рекорди.

Мбапе вчера стана втор најмлад стрелец во финалињата на Светското првенство откако постигна гол во натпреварот против Хрватска на возраст од 19 години и 207 дена. Најмлад и понатаму е Бразилецот Пеле, кој тоа го направи на 17 години и 249 дена, во 1958 година во Шведска.
Претходно фудбалерот на ПСЖ, во натпреварот против Аргентина, стана првиот тинејџер кој постигна два гола во нокаут-фазата на Мундијалот по 60 години и, секако, по Пеле.
„Втор тинејџер кој стана стрелец во финалето на Светското првенство. Добре дојде во клубот, Мбапе. Прекрасно е да се има друштво“, изјави Пеле.
„Доколку Килијан продолжи да ги изедначува моите рекорди, ќе мора да ја истресам прашината на своите копачки“, изјави шеговито Пеле.
Франција во финалето ја победи Хрватска со 4-2, а Мбапе е прогласен за најдобар млад играч на турнирот.

Најнови вести