Корисничко име Лозинка Пријави се
22.12.2016

Интер во налет, го нокаутира Лацио за две минути

Фудбалерите на Интер го совладаа Лацио со 3-0 во вториот натпревар од 18-тото коло на италијанската Серија А.

По тврдите први 45 минути, во текот на кои двата тима имаа по полушанса, „нераѕурите“  заблескаа во вториот дел и го решија дербито во рок од две минути.
Домаќинот поведе во 54-тата минута со фантастичниот гол на Евер Банега, кој од работ на казнениот простор ја испрати топката во десниот агол.
Само две минути подоцна, Мауро Икарди го удвои водството и изгледаше дека со тоа стави точка на натпреварот. Капитенот ја собра топката на првата статива од центаршутот на Д’Амброзио и со глава ја испрати во долниот лев агол.
Десетина минути подоцна капитенот дефинитивно стави точка на натпреварот. Банега одигра според желбата од скратениот корнер во центарот на казнениот простор, Икарди повторно им побегна на чуварите и ја испрати топката од прва, а таа по одбивањето низ многуте нозе се истркала преку гол-линијата.
За Интер ова е трета победа во низа, четврта во последните пет кола, напредуваше до седмата позиција, само на четири бода од местото кое води во Лигата на шампионите.
Од друга страна, Лацио со вториот пораз во последните шест кола (четири победи) ја загрози неговата позиција во борбата за елитното натпреварување.
Во Серија А следува пауза од две седмици, по која Интер ќе гостува кај Удинезе, а Лацио ќе го пречека Кротоне.

Најнови вести