17.11.2015 Волтерс преку БИХ ја одведе Ирска на ЕП
Репрезентацијата на Република Ирска се пласираше на Европското првенство 2016 година во Франција со триумфот над Босна и Херцеговина од 2-0 во Даблин.
Првиот дуел на двата тима заврши нерешено со 1-1, а Ирците не дозволија изненадување на реваншот во кој заслужено славеа победа.
Јунак на победата беше Џонатан Волтерс, кој беше стрелец на двата погодока на „Авива“ стадионот, прво во 24-тата минута од пенал, а потоа и во 70-тата минута.
Ова за Ирска ќе биде трето учество на шампионатот на „Стариот континент“, после 1988 и 2012 година. Досега двапати Ирците беа елиминирани после групната фаза.
После реми натпреварот во Зеница, Ирците пред своите навивачи одиграа многу подобро, додека пак репрезентацијата на Босна и Херцеговина не успеа да им се закани посериозно. Во прилог на тоа доаѓа и фактот дека гостите во текот на 90-те минути немаа ниту еден шут во рамката на голот. Од друга страна пак, репрезентацијата на Ирска имаше само еден, а го искористи преку Волтерс во 70-тата минута.
Домаќините поведоа преку Волтерс во 24-тата минута, кога тој беше сигурен на белата точка, на која судијата покажа откако Ервин Зукановиќ играше со рака. Репрезентативецот на Босна и Херцеговина поради тоа доби опомена, а Волтерс сигурно го изведе пеналот и топката ја прати во долниот лев агол.
Сите дилеми околу тоа која репрезентација ќе замине за Франција беа решени во 70-тата минута, кога Волтерс го постигна и другиот гол. Голманот на гостинската екипа, Асмир Беговиќ , претходно успеа да одбрани, но Волтерс ја пречека топката и шутираше кон десната страна, по што заврши во мрежата откако се одби од стативата.
Покрај триумфот на Ирците, овој натпревар беше обележан и со срамното однесување на неколкумина гостински навивачи кои скандираа: „Палестина, Палестина“, во текот на едноминутниот молк, посветен на жртвите од терористичкиот напад во Приз.