Корисничко име Лозинка Пријави се
19.10.2015

Колдинг е првиот тим кој успеа да го победи Вардар

Колдинг, кој се наоѓа на последното место во групата Б во новата сезона, успеа да го победи Вардар со 33-31 во петтото коло од Лигата на шампионите.

Данскиот шампион беше максимално мотивиран и со брза игра во нападот и агресивна одбрана успеа да го совлада ослабениот Вардар, за кого не играа Арпад Штербик, Деревен, Душебаев и Стоилов, а од помош на ракометарите на Колдинг им беше и повредата на Алем Тоскиќ, кој со крв на лицето во второто полувреме мораше да излезе од игра.
Иако Вардар беше ослабен, во десеттата минута од првото полувреме поведе со 6-5, а во 18-тата имаше предност од два гола, 11-9, и таа ја задржа до 23-тата минута, кога Македа постигна погодок за 14-12, но оттука почнаа проблемите.
Македонските ракометари не можеа да постигнат гол сè до последните секунди на првото полувреме, а Колдинг имаше серија од 4-0, со што направи пресврт на натпреварот и поведе со 16-14. Првиот дел беше завршен со 17-15, а во вториот Вардар се обиде да направи пресврт. Успеа да изедначи на 18-18, но не успеа да најде решение за нападите на данската екипа, а дополнителен проблем беше и повредата на Тоскиќ во првите десет минути од второто полувреме, кој не се врати во игра до крајот на натпреварот.
Потоа Колдинг направи серија од 4-1 и до 50-тата минута поведе со четири гола, со 28-24, а до крајот на средбата Вардар успеа само да ја намали на два гола.
И покрај поразот од Колдинг, Вардар останува прв во групата Б со осум освоени бода.
И вториот македонски претставник во Лигата на шампионите, Металург, доживеа минимален пораз од 21-20 на гостувањето кај Баја Маре во групата Д.

Најнови вести