Корисничко име Лозинка Пријави се
05.10.2015

Вардар со победа над Кристијанштад стана лидер во групата

Во третото коло од Лигата на шампионите ракометарите на Вардар го победија шведскиот шампион Кристијанштад со 30-25.

Со оваа победа македонскиот ракометен шампион ја продолжи триумфалната низа во елитното натпреварување и се избори за челната позиција во групата Б.
Нашиот шампион одлично го почна натпреварот и по десетина минути водеше со 9-3. Во продолжението имаше голем пад во играта, а Швеѓаните го искористија тоа и го израмнија резултатот на 10-10.
На крајот од првото полувреме Врадар влезе во победнички ритам и на пауза отиде со водство од 15-12.
Во вториот дел од натпреварот македонскиот шампион го скрши отпорот што го даваше домашната екипа и постојано беше во предност, а на десет минути пред крајот на средбата, водеше со 26-20. Предноста ја чуваше до крајот на натпреварот и славеше со резултат 30-25.
Најефикасни играчи во македонската екипа со по седум погодоци беа Алем Тоскиќ и Тимури Дибиров, а пет гола постигна Хорхе Македа. Голманот Арпад Штербик беше одличен и во текот на натпреварот имаше 18 интервенции.
Во тимот на шведскиот шампион најефикасен беше Џери Толбринг со седум постигнати погодоци, додека Андреас Цедерхолм даде шест гола.
Во следното коло на десетти октомври, во арената „Јане Сандански“ во Скопје од 17.30 минути ќе гостува екипата на Рајн Некар Левен.
Во третото коло на Лигата на шампионите победа извојува и екипата на Металург над Елверум, кого го совлада со резултат 22-19 (10-12). По трите одиграни кола, Металург има четири бода, еден бод повеќе отколку што имаше во целата минатогодишна сезона во европското елитно натпреварување.

Најнови вести