Корисничко име Лозинка Пријави се
28.9.2015

Победи на Вардар и Металург во второто коло од Лигата на шампионите

Во првиот натпревар на домашен терен од новата сезона во Лигата на шампионите, Вардар го победи ПИК Сегед со 27-23.

И покрај големиот отпор што го даде противникот од Унгарија, македонскиот шампион на средбата успеа да ги додаде бодовите на своето конто.
Вардар во арената  „Јане Сандански“ го совлада ПИК Сегед со разлика од четири голови и ова е негова втора победа во Лигата на шампионите.
Ракометарите на македонскиот шампион имаа добар старт, во првите десетина минути постигнаа шест голови, но потоа имаа пад во играта и противникот успеа да направи пресврт, а по првиот дел резултатот беше реми од 11-11.
Во второто полувреме Вардар играше подобро и имаше подобар напад, па на крајот славеше со резултат 27-23.
Најефикасен ракометар во екипата на Вардар беше Карачиќ со пет постигнати погодоци, а по четири имаа Душебаев, Циндриќ и Дибиров, додека Манасков, кој влезе во игра во второто полувреме, постигна два гола. Голманот Арпад Штербик беше одличен со 14 одбранети топки.
Во третото коло од Лигата на шампионите следниот викенд Вардар гостува кај Кристијанштад.
Екипата на Металург во натпреварот од второто коло на ракометната Лига на шампиони го совлада швајцарскиот шампион Шафхаузен со 28-24.
За ракометарите на Металург ова беше прв натпревар на домашен терен во елитното натпреварување и со одлична игра славеа против Шафхаузен, со што најавија дека можат да се вклучат во трката за највисок пласман во конкуренцијата на групата Д.
Металург водеше во текот на целата средба, а противникот само еднаш се доближи на два гола и не успеа посериозно да ја загрози предноста на македонската екипа.

Најнови вести