Корисничко име Лозинка Пријави се
14.7.2015

Полјаците направија хаос во Сараево

Навивачите на полскиот Лех Познањ стигнале во Сараево еден ден пред дуелот меѓу двата тима во квалификациите за Лигата на шампионите и направиле хаос.

Околу 20.30 часот синоќа во Вогошча дошло до тепачка меѓу две групи навивачи, а како што пренесуваат сараевските медиуми, проблемите ги почнале Полјаците.
Од друга страна, полските медиуми истакнуваат дека група од околу 30 „Орди на злото“ ја нападнала групата навивачи на Лех, коишто стигнале порано во Босна и Херцеговина.
Иако нема официјална потврда, во инцидентите бил повреден еден 21-годишен Полјак, кој бил прободен со нож во раката, но многу брзо бил пуштен од болница.
На некои сараевски форуми сведоците изјавиле дека полупијани Полјаците извикувале „Ова е Србија!“, па ги кршеле излозите, сè додека не им се спротивставиле локалните жители.
Кај муслиманите моментно трае рамазанскиот пост, па сараевчаните посебно биле гневни што гостите од Полска им го расипале ифтарот, традиционалниот вечерен оброк по целодневниот пост.
Со оглед на извештаите од Сараево, хаосот во градот на Милјачка траел со часови, а полицијата имала работа и во текот на ноќта.
Сараево и Лех играат вечерва (21 часот) на „Кошево“, во првиот натпревар од второто коло од квалификациите за Лигата на шампионите.