Корисничко име Лозинка Пријави се
23.2.2015

Вардар перфектен против Рајн Некар

Во натпреварот за втората позиција на табелата, Вардар го надиграа германскиот вицешампион Рајн Некар - Левен, со убедливи 38:25. Со оваа победа нашата екипа ја заврши групната фаза на втората позиција на табелата, и во осминафиналето ќе се соочиме со една од третопласираната екипа во групите А, Б и Д.

Со фуриозна игра во нападот и неверојатна реализација од 70%, но и одлична игра во одбраната, Вардар ја најави големата победа на овој меч уште во првото полувреме. По девет минути игра вардар водеше со 5:1. Рајн Некар на двапати дојде до негатива од два гола во првите 30 минути и тоа при резултат 5:3 и 8:6. Но, во продолжение вардарци со серијата од 4:0, со трите гола на Карачиќ и еден на Дибиров стигнаа до највисоките шест гола предност.
Доминацијата не застана тука, па во последната минута од првиот дел, со погодокот на Дибиров, Вардарци поведоа со осум гола, 19:11. До полувремето Германците ја намалија разликата на седум гола, 20:13.
Во вториот дел продолжи доминантната игра на избраниците на Раул Гонзалес. По рамноправната игра во првите пет минути од второто полувреме, следуваше серија од 5:0, за Вардар, благодарение на одбраните на одличниот Штербик, како и ефикасноста на Душебаев, Тоскиќ, Шишкарев и Карачиќ. Во 39. минута вардарци стигнаа до највисоките плус 11, при резултат 27:16.
Во тие моменти веќе беше познат победникот на овој меч, иако Германците се обидуваа да се вратат во игра, посебно кога ја намалија разликата на шест гола, а имаа и напад да дојдат до минус пет. Тоа не им го дозволи Штербик, кој мечот го заврши со единаесет успешни интервенции, најголем дел од нив во клучните моменти од натпреварот.
Ова е седма победа за Вардар во групната фаза од елитното натпреварување, што воедно а е најдобар резултат на македонскиот шампион во оваа фаза, во историјата на клубот.
Карачиќ беше најефикасен во нашиот тим со осум гола, додека Дибиров постигна шест. Горбок и Душебаев упатија по четири прецизни удари.
Вториот македонски претставник во ракометната Лига на шампиони, се прости од овосезонските натпревари со пораз од Загреб со 20:22.

Најнови вести