Корисничко име Лозинка Пријави се
16.2.2015

Вардар го победи Монпелје, дебакл на Металург

Ракометарите на Вардар ја остварија и шестата победа во Лигата на шампионите, откако вечерва го совладаа Монпелје на свој терен, со 30:26.

Ова е значајна победа за Вардар, кој со 13 бода останува на втората позиција на табелата, во пресрет на последното коло, во кое му гостува на Рајн Некар.  Монпелје по овој пораз најверојатно ќе заврши како четвртопласиран, без разлика на резултатот од последниот натпревар.
По водството на гостите од Франција, вардарци ја презедоа контролата над натпреварот, а со тоа и резултатската предност. Расположениот Дибиров одлично ги мотивираше своите соиграчи,  а таквата игра резултираше со константно зголемување на предноста, која на средина од првиот дел изнесуваше четири гола, 11:7.
“Црвено-црните” направија и разлика од пет гола, и тоа за прв пат во 25-та минута при резултат 16:11, по двата гола во серија на Дибиров и Шишкарев. До одморот и дветe екипи постигнаа по два гола, за 18:13.
Во второто полувреме Французите започнаа одлично, ги искористија грешките на нашиот тим во нападот, за во 46-та минута да дојдат до два гола заостанување, 25:23. Душебаев беше прецизен за Вардар, а Мачковшек за Монпелје, за 26:24. Но, во тие моменти се разигра голманот Штербик, кој со неколкуте одлични интервенции не му дозволуваше на противникот да постигне погодок, а на спротивната страна со головите на Дибиров и Шишкарев, Вардар направи серија од 3:0, и ја врати предноста од пет гола, 29:24. Во последните десет минути, нашата екипа постигна само еден гол, наспроти двата на Монпелје, по што беа поставени конечните 30:26.
Дибиров со 12 гола беше најефикасен ракометар во екипата на Вардар, додека Штербик мечот го заврши со десет успешни интервенции. Во тимот на Монпелје, Гајиќ постигна шест гола.
Во последното коло, Вардар му гостува на Рајн Некар во натпреварот кој треба да го даде конечниот изглед на табелата. Бундеслигашот утре го игра мечот од претпоследното коло, против Чеховски Медведи , на гостински терен.
Подмладениот Металург доживеа очекувано висок пораз на средбата против моќниот Кил. Поразот од 19 гола разлика е повторување на нашиот најлош резултат во Лигата на шампионите, претходно постигнат на средбата против Фленсбург, 24:43, во 2006 година.

Најнови вести