Корисничко име Лозинка Пријави се
25.1.2015

Пораз од Словенија за крај на мундијалскиот сон

Македонија загуби од Словенија во осминафиналето на Светското првенство во Катар со 30-28.

Четврт-финалето на Мундијалот во Катар остана само сон за македонската ракометна репрезентација. По одличните игри и победите во групната фаза, Македонија е поразена во осминафиналниот дуел од незгодната репрезентација на Словенија.
Македонските репрезентативци одиграа слабо во одбраната, а и немаа среќа во решавачките моменти кога неколкупати ја погодија рамката на голот на одличниот Шкоф.
На стартот на натпреварот играта и резултатот беа израмнети, а во 20-тата минута Словенците првпат направија два гола разлика, 11-9. Тогаш во игра влезе Ангелов кој со две одбрани ни дозволи да го изедначиме резултатот на 13-13. Во првото полувреме не реализиравме три пенали, а во последните секунди на првиот дел Словенија постигна гол за водство од 16-15.
И на стартот на второто полувреме се играше гол за гол, но со двата погодоци на Гајич Словенија направи предност од два гола, 19-17. Тогаш Филип Миркуловски доби црвен картон поради груб старт над Зорман, а нашиот противник го искористи тоа и прв пат на натпреварот поведе со три гола разлика, 21-18.
Со головите на Прибак и Георгиевски се вративме во натпреварот, но по исклучувањето на Маркоски Словенија повторно ја врати предноста од три гола, 24-21. Словенците го одржуваа водството, а клучниот момент беше во 50-тата минута кога Манасков не погоди од седум метри. Противникот поведе и со четири гола, но со брзите погодоци на Стоилов и Манасков ја намаливме предноста на два гола. Ангелов се врати на голот и на 29-27 имавме напад, но Шкоф го одбрани ударот на Георгиевски. Прибак го погоди дирекот, Шкоф го „прочита“ и Манасков и со тоа ги загубивме шансите за пресврт и пласман меѓу осумте најдобри.
Лазаров и Георгиевски со по седум гола беа најефикасни на натпреварот, Манасков и Стоилов постигнаа по пет погодоци.
Македонија на овој светски шампионат ги заврши настапите исто како и на претходниот, со пораз во осминафиналето, па место на предолимпискиот турнир, Македонија ќе треба да се бори за што подобар пласман на Европското првенство во Полска, секако откако ќе обезбеди учество на континенталниот собир.


Најнови вести