Корисничко име Лозинка Пријави се
23.1.2015

Македонија со стил ја затвори групната фаза

Македонската ракометна репрезентација со победа над Австрија до 36-31 ја заврши групната фаза од Светското првенство во Катар и во осминафиналето ќе игра против Словенија.

Македонските ракометари имаа контролата над натпреварот од самиот почеток и водеа до деветтата минута кога Австријците прв пат дојдов до водство од 4-3. Лазаров, Стоилов и Мркуловски направија серија од 3-0, а подоцна стигнавме и до 10-7. Противникот се врати во игра по исклучувањето на Јоноски и го изедначи резултатот, но со головите на нашите крила, Манасков и Георгиевски, повторно имавме два гола предност. Нашите ракометари го одржуваа водството од еден до два гола, но во самиот финиш Австрија израмни за 16-16 на полувремето.
На стартот на второто полувреме продолжи играта гол за гол и Австријците поведоа со 19-18. Жиура стартуваше брутално над Миркуловски и доби црвен картон, по што одлично ја искористивме бројчаната предност и направивме мини серија за 23-20.
На нашиот гол Ангеловски имаше неколку клучни одбрани по ударите на противничките крила, Мојсовски погоди за веќе убедлива предност од 28-22. До крајот искусната македонска репрезентација не му дозволи на противникот да се приближи и стигна до сигурна победа од 36-31.
Кирил Лазаров повторно беше најефикасен со девет голови, Миркуловски постигна шест, Георгиевски и Манасков по четири.
По освоеното второ место во групата Б, во недела Македонија го игра осминафиналниот дуел со Словенија, третопласираната селекција од групата А кој е клучен за главната цел – пласман на Квалификацискиот турнир за Олимписките игри во Рио де Жанеиро.

Најнови вести