Корисничко име Лозинка Пријави се
21.1.2015

Македонија запрена од Хрватска

Македонија по трите стартни победи го доживеа првиот пораз на Светското првенство во ракомет во Катар од Хрватска со 26-29.

Македонската репрезентација немаше сили за победа над најголемиот фаворит во нашата група иако одигра одлично во првото полувреме.
На почетокот на првиот дел нашите ракометари играа одлично против силниот противник и со головите на Манасков, Георгиевски и Кирил Лазаров имавме предност од 7-4, а Стоилов погоди за високи четири голови предност, 9-5.
По тајмаутот за Хрватска, „коцкестите“ почнаа да играат многу подобро и постигнаа три гола во серија. Со головите на Прибак и Мојсовски ја одржувавме предноста и водевме 12-11, но во финишот на првиот дел Хрватите ги казнија неколкуте нереализирани „зицери“ и го преземаа водството и со заостанување од еден гол, 14-15, заминавме на полувремето.
Второто полувреме го почнавме со два гола на Кирил Лазаров од седум метри, но потоа следеа исклучувања на Миркуловски и Лазаров, па бевме со два ракометари помалку на теренот. Хрватите го искористија тоа и по 12 минути во вториот дел резултатот беше 20-17, а одличниот Халиловиќ на голот имаше неколку клучни одбрани по што хрватската репрезентација веќе имаше солидна предност од пет голови, 22-17.
На седум минути до крајот стигнавме до минус два, но Хрватска со рутинска игра го одржа резултатот за конечни 29-26.
Кирил Лазаров со седум  голови повторно беше најефикасен во нашата репрезентација, а Иван Чупиќ кај Хрватска постигна девет. Двата голмани, Алиловиќ и Ристовски имаа по 13 одбрани.
Нашата репрезентација утре има слободен ден, а одлучувачкиот натпревар за второто место во групата ќе го игра во петок против Австрија.


Најнови вести