Корисничко име Лозинка Пријави се
24.12.2014

Ибраими најдобар фудбалер во Македонија за 2014 година

Фудбалската Федерација на Македонија на свечена церемонија синоќа додели награди за најдобрите во македонскиот фудбал во 2014 година.

Главното признание за најдобар македонски фудбалер во странство по втор пат е во рацете на Агим Ибраими, кој сезонава дебитираше во Лигата на шампионите и постигна неколку значајни голови за македонската репрезентација во квалификациите за европското првенство и во групната фаза од елитното европско натпреварување за неговиот клуб Марибор.
„Голема благодарност до ФФМ, до моето семејство, без кои денеска немаше да бидам тука. Сакам да им честитам на сите што добија признанија денеска, посакувајќи им успех и здравје во 2015 година. Што се однесува до моето признание, можам да кажам дека сум многу горд и среќен што добивам почит во мојата земја“, изјави Агим Ибраими по врачувањето на наградата.
Борче Маневски, кој беше еден од главните фудбалери за двојната круна на Работнички минатата сезона, заслужено го доби признанието за најдобар фудбалер во домашното првенство.
Тренерот на Работнички, Игор Ангеловски, е најдобриот тренер за 2014 година.
„Најзаслужни за оваа награда се фудбалерите на Работнички, потоа моите соработници. Се заблагодарувам на моето семејство за поддршката што ми ја дава во текот на тренерската кариера. Немаше да бидам овде доколку еден човек не веруваше во мене, тоа е Драган Поповски, кому сум му бескрајно благодарен“, изјави Ангеловски.

Најнови вести