Корисничко име Лозинка Пријави се
08.12.2014

Вардар победи на гостувањето кај Чеховски медведи, реми на Металург

Македонскиот ракометен вицешампион Вардар победи на натпреварот од осмото коло на Лигата на шампионите на гостувањето во Русија, а Металург одигра нерешено со Брест Мешков во Скопје.

Вардар пред зимската пауза од натпреварувањето во Лигата на шампионите победи на гостински терен против Чеховски медведи со 39-34.
Првото полувреме „црвено-црните“ го завршија со предност од три голови и на почетокот на вториот дел неколку пати беа во предност од четири голови. Но, потоа имаа мал пад во играта, што руските ракометари го искористија и при резултат од 24-20, тие израмнија на 24-24, а во 43-тата минута дури и поведоа со 27-26. Потоа, со погодокот на Стојанче Стоилов „вардарци“ стигнаа до предност од четири голови, а на крајот победија со 39-34.
Најефикасен играч во екипата на Вардар беше Карачиќ со девет постигнати голови, додека кај Русите најефикасен беше Дереван, кој постигна 13 погодоци.
Во најелитното натпреварување сега следува пауза до февруари следната година поради Светското првенство во Катар во јануари 2015 година.
Вардар следниот натпревар од Лигата на шампионите против Монпелје ќе го игра на 14-ти февруари следната година во Скопје.
Македонскиот ракометен првак Металург одигра нерешено 27:27 со белорускиот Брест Мешков, по што и двете екипи ги загубија шансите за пласман во осминафиналето.
Во тврд натпревар гостите го контролираа резултатот, а на пет минути до крајот Металург направи серија и стигна до еден гол заостанување. До финишот и дојдоа до водство, но Белорусите со гол во последните секунди спречија победа на македонскиот шампион.
Најефикасни беа Дејан Манасков со 8, Наумче Мојсовски со 6 и Филип Миркуловски со 5 голови.

Најнови вести