Корисничко име Лозинка Пријави се
03.11.2014

Македонија со големо реми против Чешка

Македонската ракометна репрезентација освои бод на гостувањето во Чешка откако натпреварот во Злин заврши со реми од 27-27 во второто коло во групата 6 од Квалификациите за Европското првенство во 2016 година.

Нашите ракометари одлично го почнаа натпреварот и поведоа со 2-0, а потоа имаа предност од 6-3, но Чесите со серија од 5-0 го презедоа водството и сè до крајот на првото полувреме ја зголемуваа разликата. На полувремето македонскиот тим замина со седум голови помалку, а на почетокот на вториот дел Чешка поведе со 19-11, што беше најголема предност за неа.
Во второто полувреме одбраната и нападот на нашиот тим одиграа многу подобро и направија серија од 5-1, по што се намалуваше предноста на домаќинот. На две минути пред крајот на средбата резултатот се израмни на 25-25, и до крајот се играше гол за гол за конечен резултат 27-27.
Најефикасен играч во македонската екипа беше Кире Лазаров со десет голови, Филип Миркуловски имаше пет погодоци, Дејан Манасков три, а одличниот Борко Ристевски вкупно имаше 20 одбрани.
Во чешкиот тим Петр Линхарт постигна седум погодоци, Ондреј Здрахала шест, а голманот Мартин Галија одбрани девет пати.

Најнови вести