Корисничко име Лозинка Пријави се
31.3.2014

Вардар направи сензација во Хамбург!

Македонскиот шампион Вардар направи голема сензација и го победи европскиот ракометен првак Хамбург во Германија по што се пласира во четврт-финалето на Лигата на шампионите.

По нерешениот резултат од првиот натпревар, ракометарите на Вардар одлично стартуваа на реваншот и во неколку наврати имаа предност од два гола. Домаќините по половина од првото полувреме имаа предност од 9-8, но „вардарци“ по 20 минути игра повторно беа во водство (11-12).
Ниту повредата на Стојанче Стоилов не беше пречка Вардар по 23 минути да дојде до највисоката предност од три гола разлика (11-14), а на полувремето резултатот беше  15-17.
Во првото полувреме на голот одличен беше Ангелов со девет одбрани. Карачиќ постигна шест, а Лазаров пет погодоци.
Нашите ракометари продолжија со одличната игра и во вториот дел, кога се играше гол за гол, но контролата ја имаше Вардар.
По седум минути од вториот дел, Хамбург израмни на 20-20, но потоа седум минути не постигна гол, а Вардар и со играч помалку направи предност од пет гола (21-26).
Вардар имаше криза во последните минути од средбата и му дозволи на противникот да се доближи само на еден разлика на две минути пред крајот (28-29), но сепак го задржа водството за триумф од 29-30 и сензационално го елиминира Хамбург за пласман во четврт—финалето.
Ова е прв пат во историјата на македонскиот ракомет два наши клуба да се најдат меѓу најдобрите осум во Европа откако Металург претходно победи и на реваншот во Данска. Ждрепката за четврт-финалните двојки ќе се одржи утре во 12:15 часот во Виена.

Најнови вести