Корисничко име Лозинка Пријави се
18.1.2014

Македонија поразена од Унгарија на првиот меч од втората фаза

Македонската ракометна репрезентација е поразена од Унгарија на првиот натпревар од втората фаза Европското првенство во Данска со 25:31.

Унгарија ја продолжи доминација во меѓусебните дуели со Македонија и ја оствари 11-тата победа на 13-иот меѓусебен натпревар.
Македонските репрезентативци одиграа слабо прво полувреме – лошо игравме во одбрана и имавме слаба реализација во нападот. Во еден период не постигнавме ниту еден гол шест минути, а Унгарците направија серија од 6:1. Кирил Лазаров реализираше само еден пенал од четири обиди, а разиграниот противник тоа знаеше да го искористи и на полувреме имаше високо водство од 16:9.
Нашите ракометари продолжија во ист стил и во продолжението, а Унгарците ја одржуваа предноста за конечни 31:25.
Манасков и Пецаковски со пет гола беа најефикасни во нашиот тим, Миркуловски и Лазаров постигнаа по четири, а голманот Ристовски одбрани 13 удари. За Унгарците најдобар стрелец беше Часар со седум гола.
Во понеделник во 16 часот Македонија во второто коло ќе се сретне со Исланд.

Најнови вести