Корисничко име Лозинка Пријави се
21.1.2013

Олимпијакос неочекувано ја раскина соработката со Жардим

Грчкиот фудбалски клуб Олимпијакос на својата официјална интернет-страница ја објави веста за раскинување на соработката со Леонардо Жардим.

Веста, во најмала рака, е шокантна за сите навивачи на клубот од Пиреја, со оглед на тоа дека тој е лидер во домашното првенство со десет бодови предност пред вториот на табелата. Покрај тоа, Олимпијакос не е поразен во Супер лигата и се избори за влез во шеснаесетфиналето во Лигата на Европа.
„Олимпијакос објавува дека ја раскина соработката со тренерот Леонардо Жардим и му се заблагодаруваме на неговите услуги во клубот“, стои во краткото соопштение за медиумите.
Причина за раскинување на соработката би можело да биде незадоволството на сопственикот Вангелис Маринакис, кој во последно време ја критикуваше дефанзивната игра на екипата.
Водењето на клубот привремено ќе го преземе Антониос Никополидис, поранешниот голман на Олимпијакос и на грчката репрезентација, додека управата не најде адекватна замена за Жардим.

Најнови вести